Mногу идеи, но малку можности за младите од Свети Николе

Стефан, Евгенија, Дејвид и Мартин го полнат календарот со активностите што ги планираат за оваа пролет. Веќе имаа десетина настани предвидени за април и мај, а почнуваат да ги исполнуваат и празните полиња од летните месеци.

Секоја недела, по училишните обврски, тие се собираат за дружба и заеднички проекти во локална граѓанска организација од Свети Николе, во недостаток на друг јавен простор наменет за младите во градот.

Седумнаесетгодишниот Стефан ги сака пишаниот збор и друштвените игри. Сепак, се жали дека за неговите хобија нема ниту простор ниту со кого да ги споделува.

„Мислам дека на младите им фали избор. Тие имаат интереси, но немаат каде да ги истакнат. Јас би сакал повеќе клубови, како клубот за дебата и за други области за кои се заинтересирани младите. Со отворање на вакви нешта ќе се зголеми нивното учество“, објаснува тој.

Неговата врсничка Евгенија, која е трета година во гимназијата „Кочо Рацин“, вели дека сака да посетува обуки, но за реализирање на нејзините идеи нема доволно можности.

„Недостасуваат места и простори каде што би можеле да се дружиме и спортуваме… Би било подобро доколку се подобрат можностите за забава, неформалното едуцирање и местата за рекреација“, објаснува таа.

И 14-годишниот Дејвид, кој учи во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Делчево, се согласува со неа. Според него опциите за младите од општината се многу ограничени.

„Гледајќи од моја лична перспектива нема многу можности за реализирање на нашите идеи. Како избор ги имаме само фолклорниот ансамбл за танцување, курс по англиски за развивање на јазикот и можеби уште некој. Што ако некое дете сака да танцува, да црта, да слика…“, додава Дејвид.

Средношколецот Мартин, пак, смета дека е потребна промена на менталитетот кај младите. Негов предлог е во иднина задолжително младите да учествуваат во некакви форми на активизам.

„На пример, кога во училиште имаме некаква акција за чистење на некој дел од градот – професорите нè ослободуваат од настава и после, на крајот, од тие 16 деца, како во мојот клас, ќе дојдат 5 или 6. И тие ќе направат минимална работа, колку да се оправда отсуството од училиште, а другите ќе седат во кафулиња или ќе гледаат во телефоните. Има  одлични иницијативи, но што да правиме кога децата се такви“, вели тој.

Решение за дел од овие проблеми требаше да биде Законот за младинско учество и младински политики, со кој е предвидено во секоја општина да се воспостави локален младински совет, преку кој младински претставници ќе влијаат врз одлуките кои ги носи локалната власт. Дополнително, Законот налага и формирање на младински културни центри, кои ќе служат како простор каде што младите ќе можат да ги реализираат своите интереси и проекти.

Законскиот рок за формирање на локалните младински совети истече во јануари 2021 година, но и три години подоцна во Свети Николе нема формирано вакво тело. Во општината засега не е на повидок ниту отворање на младински културен центар.

Најголем број од средношколците во Свети Николе кои одговорија на нашата анкета сметаат дека вакви сервиси им се потребни, а сите тие, без исклучок, сакаат нивните идеи и предлози да бидат земени предвид при носење на политиките на локалната власт.

Според Ивица Арсов, службеник за млади во Општината, во тек е постапка за формирање локално собрание на млади, кое потоа, според Законот, треба да ги избере членовите на локалниот младински совет.

Тој вели дека по изборот на членови на младинскиот совет ќе изготват стратешки документ со проблемите и предизвиците за младите од Свети Николе за полесно надминување. Арсов истовремено потсетува дека според Статутот на Општината, младите имаат можност активно да учествуваат на јавни трибини, да доставуваат предлози до Општината и да поведат иницијативи преку облиците на месна самоуправа.

„Хендикеп за Општина Свети Николе е што освен училишната организација не постои регистрирана младинска организација водена од млади, туку постојат само организации за млади (организации чија целна група се младите н.з.), така што по формирање на локалниот младински совет ќе се искористат сите комуникациски канали за да се допре до младите“, посочува Арсов.

Една од ретките граѓански организации во општината е Организацијата на жените на општина Свети Николе. Токму во нивните простории многу млади ги реализираат своите активности во недостиг на друг соодветен простор.

Оттаму велат дека процедурата за формирање локален младински совет според новиот Закон за младинско учество е започната од лани, но тече бавно. Тоа се однесува и за младинскиот центар, за кој има иницијатива, но нема реализација.

„Нашиот впечаток е дека младите генерално се вклучени во проекти, активности и програми кои ги реализираат граѓанските здруженија во градот. Ова е случај со младите на возраст од 13 до 19 години,  кога сè уште се во образовен процес и најчесто во својот град. За жал, потоа бројот на млади активисти е многу мал и речиси и да не постојат. Од друга страна, и не постојат можности на локално ниво за да се искористи потенцијалот на младите за различни акции и активности. Генерално, младите во локалните политики се содржани во Програмата за млади и спорт на Општина Свети Николе, каде за жал до 2022 година не постоеја активности и буџет за млади, туку сите средства од оваа програма одеа за спортски клубови и тоа главно машки. По наше укажување, во програмите за 2023 и 2024 година има посебна категорија за младите и предвиден буџет за реализирање на активности“, велат од Организација на жените на општина Свети Николе.

Од Организацијата потенцираат дека младите се соочуваат со неколку нивоа на предизвици – од ниска информираност на локално ниво и работи од интерес на младите и пасивност за иницирање самостојни иницијативи, па сè до нивна маргинализираност од страна на локалните и образовните институции за вклучување во процесите на истражување, креирање и реализирање на младинските политики.

Нивните главни препораки за подобрување на младинското учество е креирање на посебна програма за млади од Општината и соодветен буџет, промоција на службеникот за млади, избор на членови на ЛМС, како и широки консултации во креирањето на локалната стратегија за млади.

Во Општина Свети Николе, според податоците од последниот Попис во 2021 година, имало 2.375 млади на возраст од 15 до 29 години. Нивниот број е речиси преполовен во споредба со 2002 година, кога имало 4.159 млади на истата возраст.

Авторки:
Стефанија Арсова

Драгана Арсова

Фотографии:
Стефанија Арсова 

Ментор:
Даниел Евросимоски

Овој текст е изработен во рамките на регионалната иницијатива на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот на Обединетите нации за градење мир што го спроведуваат УНФПА, УНДП, УНЕСКО и UNWOMEN, чија цел е да ги поттикне младите да се вклучат во конструктивни наративи, јакнење на меѓукултурен дијалог, инклузија, родова еднаквост и креирање заедничко разбирање и доверба во Западен Балкан.

Ставовите изразени во овој текст се ставови на говорниците и не секогаш ги претставуваат ставовите и мислењата на Фондот на Обединетите нации за градење мир, на УНФПА или на УН Северна Македонија.