Вклучување на младите во носењето одлуки, формирање локален младински совет и стратегија за млади, како и обезбедување простор за дружење и активизам. Ова се дел од барањата и предлозите кои членовите на повеќе младински и организации за млади ги упатија до градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски. Целта на средбата иницирана од општинските власти, беше да се детектираат главните проблеми на младите кои гравитираат на територијата на општината, да се увиди што општината може да направи за нив, но и што можат да понудат младите на општината.
„Првото нешто што секоја општина треба да го направи е да ги вклучи младите во процесот на донесување одлуки“, побара Иван Јованов од „Младите можат“ кој побара отворање на општината за волонтирање, но и формирање младински клуб како простор за средби и едукација.
Според Дона Костуранова, претседател на Младинскиот образовен Форум, ваквите разговори се добра појдовна основа за утврдување на идните чекори. Од МОФ предложија формирање на локален младински совет, а потоа и изготвување стратегија за млади со што ќе се овозможи нивно директно вклучување во носењето одлуки кои се однесуваат на младите луѓе.
„Оваа средба може да биде повод за вакво нешто-но не смее да се избрза. Ова е добра појдовна точка да лоцираме каде сме и да ги договориме за идни чекори. Ме радува што иницијативата доаѓа од општината, а не обратно. Ме радува што доаѓа во време кога не се препознаваат младите како категорија луѓе кои треба да носат одлуки“, вели Костуранова.
Градоначалникот Жерновски најави дека ќе ги разгледа изнесените предлози, а посочи и дека ќе предложат, претставник на идниот младински локален совет да учествува во работата на општината.
Вети отворање и на канцеларија за млади во февруари, идната година, како и обуки на млади волонтери.
„Да се договориме искрено што може Центар, која е убава општина да направи за младите за да “влезе свеж воздух”, за да може секој да има пристап во општината”, рече Жерновски.
Целата средба на тема „Центар за младите и млaдите за Центар“ и сите предлози, може да се видат во видеото:
На трибината учество земаа: Младите Можат, ХЕРА, Младински Образовен Форум, Коалција на НВО СЕГА, Сојуз на Извидници на Македонија, ЏЕФ – млади европски федералисти, општинска организација на Црвен Крст – Центар и други.