Меѓународната организација за човекови права „Civil Rights Defenders“ во пресрет на денешната парада на гордоста, спроведе истражување на јавното мислење, кое покажува дека мнозинството граѓани на Северна Македонија го поддржуваат правото на ЛГБТИ+ лицата да одржат мирен марш на гордоста.
На прашањето дали се согласуваат ЛГБТИ+ лицата да имаат право мирно да маршираат низ Скопје, 55% од испитаниците одговориле позитивно, односно, ова претставува подобрување во споредба со 2015 година, кога 47% од граѓаните одговориле позитивно, стои во заклучокот на истражувањето.
„70% од испитаниците се согласуваат дека ‘ЛГБТИ+ лицата се граѓани како и сите други’, забележителен пораст кога во 2015 година 54% од испитаниците се согласија со оваа изјава“, стои во извештајот на организацијата.
Истовремено, 44% од испитаниците на прашањето „зошто мислите дека ЛГБТИ+ лицата организираа парада“ одговориле дека тоа е за „да ја претстават својата ранлива позиција на јавноста“, 40% од нив одговориле дека тоа е „само да го провоцираат мнозинството кое не го поддржува нивниот животен стил“, додека 16% од испитаниците биле неодлучни.
Инаку, денеска во Скопје по втор пат се одржа парадата на гордоста на која учествуваа стотици луѓе.