Речиси една третина, односно 32 отсто или 3.1 милион луѓе од работниците во Канада, од почетокот на годината „најголем дел“ од времето работеле дома, во споредба со едвај 4 отсто во 2016 година, се наведува во студијата на канадскиот Институт за статистика, пренесува „Данас“.
Од нив, 90% рекле дека се исто толку продуктивни како порано. Од оние пак, кои штотуку почнале со работа од дома, 58% навеле дека работат приближно исто како и во канцеларија, а 32% велат дека работат уште повеќе. Околу десет проценти рекле дека работат помалку отколку во канцеларија.
Продуктивноста на работата од далечина била поголема во јавната администрација, особено во здравството, отколку во производствената индустрија. Канадскиот институт не утврди значителна разлика помеѓу мажите и жените, ниту разлика според возраста, образованието, брачниот статус или занимањето на испитаниците.
Околу 80% од тие кои работат од дома би сакале да продолжат на таков начин, дури и по епидемијата на коронавирусот, барем половина од работното време.
Од друга страна, мало мнозинство на просветни работници од 54%, претпочитаат да се вратат во училиштата кога ќе заврши епидемијата.