Министерството за надворешни работи информираше дека во соработка со партнерски земји обезбеди транспорт за евакуација на македонски државјани кои во моментот се наоѓаат во Одеса, Украина.
Оттаму апелираат до македонските граѓани кои се наоѓаат во Одеса, итно да го контактираат дежурниот телефонски број +389 75 273 732 за координација.
Дополнително, од министерството велат дека прават напори да обезбедат евакуација и за македонските државјани кои во моментот се наоѓаат во Харков и Киев.
Токму во Киев се заглавени неколку македонски семејства, меѓу кои и она на Сашо Андонов. Тој за ситуацијата алармираше синоќа на социјалните мрежи, велејќи дека се оставени без транспорти помош од Амбасадата.
Вчера до министерството се обратиле уште неколку македонски граѓани, транспортери на камиони, кои заради воените дејствија во Украина биле заглавени на украинско-полската и украинско-романската граница.
„Амбасадите во Букурешт и Варшава, цел ден активно комуницираат со полските и романските власти, а се обидуваат и преку украинските конзулати во Романија и Полска да им помогнат на овие наши превозници за да ја напуштат украинската територија без да претрпат економски последици. Истовремено апелираме до сите транспортни превозници да се воздржат од проток и патувања кон Украина затоа што состојбите се крајно непредвидливи и нашите институции не можат да им ја гарантираат нивната безбедност“, се вели во соопштението од министерството.
Претходно, министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека вчера успеале да ги извлечат македонските дипломати во Украина преку безбедносен коридор и тие се веќе во Молдавија.
Тој соопшти дека успеале и да почнат процес на евакуација за 30 македонски претставници во рамки на Специјалната мониторинг мисија. Дел од нив, како што кажа, се упатени кон Молдавија, а дел од нив кон Полска.
Денеска е четврти ден од руската инвазија на Украина.
Во текот на ноќта имаше нови жестоки напади во околината на Киев. Најжестоките борби се водеа во градот Василков, на околу 30 километри јужно од Киев. Во градот е погодено големо складиште за нафта, додека во Харков е погоден гасовод, јавуваат украинските медиуми.
The footage shows a gas pipeline on fire in Kharkiv after a Russian attack.
Video: State Special Communications Service of Ukraine pic.twitter.com/owuSoKqoFA
— The Kyiv Independent (@KyivIndependent) February 27, 2022
По ова, Русите влегоа во уште два града, Харков, кој е втор по големина по Киев и Новаја Кахкова, јавуваат агенциите.
Западните земји во меѓувреме воведоа нови санкции кон Русија. Некои банки се исклучени од „SWIFT“, глобалниот платен систем. Тие најавија дека ќе го парализираат и имотот на руската централна банка, а на руските олигарси ќе им биде забрането да користат финансиски средства на европските пазари.
Членките на НАТО одлучија да испратат повеќе војници во сојузничките земји во Источна Европа, додека голем број европски земји го затворија својот воздушен сообраќај за руските авиони.