Министерството за надворешни работи изрази загриженост поради протерувањето од Република Србија и забраната за влез од една година на македонски државјанин со регулиран престој во државата, кој според наводите на надлежниот орган на Република Србија, претставува „безбедносна закана“.
„Во овој контекст МНРиНТ ќе побара објаснување во поглед на оправданоста на преземените мерки, посебно имајќи го предвид нашето очекување дека истите се во согласност со законските рамки на Република Србија, но и со европските и меѓународни стандарди за човекови права. Искрено очекуваме дека овој случај ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни, како и во интерес на задржување на континуитетот во градењето на пријателските и добрососедски односи помеѓу двете земји“, соопштија од МНР.
Неколку граѓански активисти од земји-членки на ЕУ и од Западен Балкан, кои биле учесници на меѓународна конференција пред три дена беа протерани од Србија и добија забрана за влез во земјата од една година, поради тоа што биле означени како „безбедносен ризик“, без да добијат конкретно образложение за ваквата одлука, претходно објави „Europe Western Balkans“.
Новинската агенција МИА претходно објави дека меѓу протераната активистка од Македонија е извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ.
Активистите учествувале на конференција во Белград организирана од невладината организација „Академија“ и поддржана од австриската фондација „Ерсте“ и Виенскиот универзитет за економија и бизнис.