Министерството за надворешни работи (МНР) денеска апелираше до сите македонски државјани да се воздржат од патување во Исламската Република Иран, поради масовните и насилни протести во различни делови од земјата, а особено во Техеран.
Воедно, од МНР повикаа доколку наши граѓани во моментот се наоѓаат на територијата на Иран да останат на безбедни локации, да избегнуваат јавни собири и доколку немаат суштинска причина, да ја напуштат земјата.
„За дополнителни информации, сите наши граѓани, кои се наоѓаат во или надвор од државата, да ги следат само официјалните канали на Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и на Амбасадата на Северна Македонија во Софија, како надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Иран“, посочија од МНР.
Истовремено, тие истакнаа дека македонските државјани може да се обратат и на дежурниот телефонски број на Министерството за надворешни работи +389 75 273 732 и мејл адресата globalsos@mfa.gov.mk.
Од министерството посочија дека ќе продолжат да ги следат состојбите во Иран и навремено да информираат за евентуални насоки за постапување за македонските државјани.
Протестите во Иран продолжуваат, убиени уште двајца демонстранти