Македонскиот народен театар денеска ја соопшти актерската екипа на македонската верзија од мјузиклот „Мама миа!“ во режија на Наташа Поплавска, кој премиерно ќе биде изведен на 24 декември.
„Мама миа!“ е весела приказна за тинејџерка (Софи Шеридан) која е во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на АББА и по текст на Кетрин Џонсон. Се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар и словенечката компанија за театарска и музичка продукција „Проспот“.
Носечката улога (Софи Шеридан) ќе ја игра младата актерка Нина Деан. Во улогата на нејзината мајка, Дона Шеридан, ќе биде актерката Биљана Драгичевиќ-Пројковска, најдобрите пријателки на Дона ќе ги играат актерките Арна Шијак и Тања Кочовска, а во улогите на тројцата потенцијални татковци Сем, Бил и Хари ќе настапат актерите Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев. Никола Наковски ќе ја игра улогата на Скај, вереникот на Софи.
Во актерската екипа се и: Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев. Учествуваат и голем број танчари и хористи, како и бенд во живо. Препевот и преводот на текстот од англиски на македонски го направи Тина Трпкоска, диригент е Бисера Чадловска, кореограф Олга Панго, сценографијата е на Александар Дениќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, инструктори за пеење и вокал се Ана Костадиновска и Сара Николовска.
Ова е втор мјузикл на Поплавска која пред две години во МНТ го постави и првиот лиценциран мјузикл „Чикаго“.
Копродуцентот од Словенија, Проспот д.о.о, е застапуван од познатиот југословенски скијач од 1980-тите години, Јуриј Франко кој во последниве години се занимава и со продукција на мјузикли и театарски претстави. Проспот ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Македонија. Премиерата на мјузиклот првин беше во Белград, а потоа во Љубљана и Загреб.
Билетите за „Мама миа!“ се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ. По премиерата на 24 декември, мјузиклот ќе има репризи на 26-ти, 28-ми и 29 декември и на 12-ти,13-ти и 23 јануари 2018.