Преку нова апликација граѓаните ќе имаат можност да почувствуваат како е да се чекори по стапките на римскиот император Теодосиј за време на неговата прва посета на археолошкиот локалитет Стоби за која има записи дека се случила кон крајот на 4 век од н.е.
Ваквото впечатливото искуство е овозможено преку мобилната апликација „Immersium“ која до 25 ноември ќе биде промовирана во Стоби и која овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава. Влезот е бесплатен и активностите се одвиваат од 8 до 15 часот.
Дигиталната апликација „Immersium“ овозможува нов начин на истражување на богатото културно наследство преку користење на современи технологии кои го ставаат посетителот во центарот на едно ново културолошко искуство. Преку апликацијата, посетителот добива улога во самата приказна и можност за виртуелна интеракција со историските објекти и ликови додека го истражува локалитетот. Апликацијата е достапна за Андроид и Елп уредите.
Ваквиот начин на пренесување на културното наследство има за цел да привлечe една нова генерација на посетители на археолошките локалитети кои бараат нови интерактивни доживувања преку користење на современи технологии.
„Новото време бара постојана адаптација, креативност и иновативни начини за да се приближат вистинските вредности особено до новите генерации. Апликацијата „Immersium“ која e во функција во Словенија, Србија и Македонија ја работевме со огромен ентузијазам и искрено се надеваме дека и други институции од земјава и од странство ќе се вклучат во овој бран. Центарот за социјални медиуми „Блинк 42-21“ во континуитет работи на развој на дигитални апликации кои имаат моќ да го редефинираат начинот на кој им пристапуваме на културните вредности и нудат нов начин на доживувања на самите културни добра“, вели Милан Танчески од Центарот за социјални медиуми „Блинк 42-21“.
Дигиталната апликација „Immersium“ е продукт на двогодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји. Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации Блинк 42-21 (Скопје, Северна Македонија), Универзитет Аристотел (Солун, Грција), фондацијата Балканско Наследство (Софија, Бугарија), Археолошки институт за археологија (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и Nexto (Словенија).
Со „Immersium“, посетителите имаа можност преку интерактивен водич (кратки игри, аугментирана реалност, квизови, реконструкции и др.) на мобилниот телефон да искусат дел од секојдневието на стобјани од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.), што претставува и единствена досега потврдена посета на римски император во Стоби – на императорот Теодосиј.
Проектот е финансиран од Европската комисија преку програмата Креативна Европа.