Мобилниот културен центар „КЦ 750“ упати повик за собирање приказни до сите фиќољупци и фиќомани, поранешни, сегашни сопственици на фиќо, како и оние кои со фиќото се врзани со некаков спомен.
„Во деновите на изолација и вонредна состојба, кога „КЦ 750“ не може да дејствува на терен како мобилен културен центар, помогнете му да стане виртуелен архив на приказни“, велат организаторите.
Доколку имате приказни, анегдоти или сеќавања во кои главен протагонист е „Застава 750“, текстовите може да се испратат на kulturencentar750@gmail.com, за потоа да бидат објавени на „Фејсбук“ страната на „КЦ 750“.
„КЦ 750“ е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт се обидува на неконвенционален начин да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје.