Анализата која што ја спроведе Младинскиот Образовен Форум(МОФ) за екстерното тестирање, покажа сериозни пропусти при неговото одвивање, голем број законски недоследности, но и промашувања во поставувањето на целите на екстерното оценување. Врз основа овие податоци, од МОФ ја сумираа листата на ваквите пропусти и ги објавија, како што посочија, десетте апсурди на екстерното тестирање.
Еве како изгледа листата:
01. Прекршен е законскиот рок за објавување на листите со предмети за полагање. Предметите беа објавени 4 дена пред полагање, наместо законските 7 дена;
02. Прекршен е законскиот рок за дозволено одложување на тестирањето. Тестирањето беше одложувано за неколу часови и денови, наместо законски предвидениот половина час;
03. Никој не знае, а и законот не предвидува што ќе се случи доколку ученикот добие незадоволителна оценка (единица);
04. Законот не утврдува кој и во какви ситуации има право да преполага;
05. Тестовите беа пробиени и се ширеа по социјални мрежи;
06. Компјутерскиот систем паѓаше во неколку наврати, во повеќе училишта;
07. Тестовите содржеа прашања од материјал кој не е предаден, ниту научен, некогаш поставени на јазик кој е различен од официјалните јазици во Република Македонија;
08. Кај дел од прашањата ниту еден од понудените одговори не беше точен;
09. Иако препорачани, не биле дозволени помагала, како молив, бел лист и атлас (кои се тие супер-ученици кои можат да решат задача без молив и бел лист?);
10. Цели класови и генерации не успеаа да добијат оценка “одличен 5” поради технички пропусти при тестирањето;
„Да притиснеме институциите да ги признаат грешките, бидејќи само така заедно ќе можеме да ги поправаме. Да притиснеме за да не бидат оштетени и уплашени учениците, наставниците, професорите и родителите. Да притиснеме за подобар образовен систем“, повикуваат од МОФ.
Претходно на прес конференција Младинскиот образовен форум апелираше до институциите да го прогласат екстерното тестирање оваа учебна година за пробно, да направат сериозна анализа на пропустите и ефектите и да работат на негово подобрување.
Од МОФ исто така ги охрабрија учениците да поднесат приговори до надлежните доколку забележале недоследности во процесот на тестирање или се сомневаат во добиените резултати.