Младинскиот образовен форум (МОФ) денеска изрази јавен апел до државните институции за преземање мерки, откако пред неколку дена беше објавен извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во кој беше посочено дека државата се наоѓа на петто место во Европа по одлив на мозоци.
Истражувањето на Државниот завод за ревизија, покажува дека 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државава и дека државата не поседува целисходни документи и стратегии за спречување на одливот или истите не ги спроведува доследно, велат од МОФ и додаваат дека податоците се поистоветуваат и со наодите од истражувањата на граѓанскиот сектор за желбата на младите да заминат од државата, односно бројките говорат дека 6 од 10 млади би заминале од државата.
„Од друга страна според предвидувањата на Обединетите нации, до 2050 година во македонското општество, младите ќе бидат претставени со 12% во општествената структура. Како главни причини зошто младите сакаат да заминат од државата се наведени недостатокот од соодветни работни места и услови за работа, но и целокупната корупција која владее во државата и влијае на нефункционалниот образовен, здравствен и судски систем“, додаваат од МОФ.
Истовремено, од организацијата истакнуваат дека младите во кои државата инвестирала да ги зголемат своите знаења и капацитети преку државните стипендии за студирање во странство остануваат заборавени.
„Имено, државата во 2012 година ја лансира програмата за стипендирање на македонски студенти на првите 100 Универзитети според Шангајска листа и нуди можности за студентите да се образуваат во странство, а за возврат програмата ги обврзува студентите да се вратат во државата и да го инвестираат своето знаење во македонскиот државен и приватен сектор. За жал, оваа програма иако дизајнирана да ги поттикне младите да се вработуваат во македонското општество истата е нефункционална“, додаваат оттаму.
Последното нивно истражување „Неискористен студентски потенцијал” покажува дека државата од 2012 до денес, стипендирала 389 студенти да студираат на првите 100 универзитети на Шангајската листа, но дека речиси ниту еден студент не бил исконтактиран од државните институции.
„Наодите од истражувањето дополнително ги истакнуваат значајните пропусти во имплементирањето на стипендијата. Имено, споделените податоци од Министерството за образование и наука и искуствата на поранешните корисници на стипендијата посочуваат пропусти во недоволната и несоодветна евиденција што се води за стипендистите, недоволниот мониторинг во процесот на студирање, како и слабите напори да се обезбедат соодветни работни места што одговараат на квалификациите стекнати од страна на студентите. Во бројки, тоа државниот буџет го чини 40 илјади евра по студент на годишно ниво. Овие бројки се праволиниски со истражувањето на Државниот завод за ревизија според кое, отселувањето на младите ја чини државата 44,7 милијарди денари. Тоа е загуба од 8,34% во македонскиот БДП“, објаснуваат од МОФ.
Оттука, тие потенцираат дека моменталните мерки или не вродуваат со никаков плод или се директен стимул за отселувањето на младите. Затоа, како што велат, потребно е итно спроведување и ревидирање на веќе постоечките мерки кои се насочени кон подобрување на условите за образование, нудење на повеќе можности и мерки за вработување и директно инвестирање во младинскиот капитал.
„Промени во политиките со цел да се спречи младинскиот егзодус се потребни и во судството, здравството и целокупната државна инфраструктура. Младите не треба да се гледаат како изолирана хомогена таргет група, напротив истите треба да бидат дел од сите политики кои ги носи државата бидејќи се рефлектираат на нив“, нагласуваат од МОФ.
Финално, тие ја посочуваме потребата од итни реформи во сите сектори во државата како и вклучување на младите во нивно креирање и доследно спроведување.
Инаку, ДЗР во најновиот извештај насловен Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри наведе дека Македонија се наоѓа на високото петто место од 41 европска земја на Индексот на одлив на мозоци на „Global Economy“, што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти. Во меѓувреме, според проценките на Светската банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, додека според извештајот на ИОМ за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 50 земји во светот со најголема емиграција во странство.
ДЗР: Алармантен губиток на таленти – Македонија на петто место во Европа по одлив на мозоци