Младински образовен форум испрати реакција по повод најавените квалификациони тестирања во средните училишта за 22.06.2020 година. Оттаму сметаат дека идното образование и здравствената безбедност на средношколците не смеат да бидат предмет на несоодветно справување со состојбите.
Реакцијата ја пренесуваме интегрално во продолжение:
Младински образовен форум изразува загриженост за квалифиските тестирања на учениците кои конкурираат за упис во средните училишта, најавени за 22.06.2020 година. Вчера 18.06.2020 беше најавено дека во средните училишта во кои ќе има повеќе заинтересирани ученици од слободните места во прва година ќе се спроведе тестирање. Квалификационото тестирање е наведено во конкурсот за за упис во средните училишта во учебната 2020/2021, но во ситуацијата проблематично е тоа што за точниот термин учениците беа известени нецели четири дена пред тестирањето, а дополнително во услови на сериозна здравствена криза, се предвидува да се полага во училишните простории.
Со доцната и нецелосна најава учениците се ставени во состојба да не знаат дали согласно нивниот ранг би полагале, а дополнително непознат им останува обемот на материјалот на кој ќе се спроведе тестирањето. Уште повеќе загрижува фактот што тие ќе имаат нецели четири дена за подготовка за полагање на два предмети – математика и мајчин јазик.
Сакаме да потенцираме неколку проблеми околу ова квалификационо тестирање:
1. Иако тестирањето е наведено во конкурсот за упис во средните училишта, временската рамка за подготовка е многу тесна, а ова е проблем кој се појави и во минатата учебна година, кога МОФ исто така реагираше за несоодветната процедура. Од моментот на објавата на првичната ранг листа во училиштата (која ќе се случи денес), до изведувањето на тестирањето, учениците имаат нецели три дена да се подготват за двата теста. Успехот на ова тестирање директно ќе се одрази на понатамошното образование на овие ученици.
2. Дополнително отежнување е тоа што учениците во текот на последното полугодие учеа во вонредни услови, односно за прв пат се спроведуваше далечинско образование, кое по квалитетот и интензитетот беше различно од образованието на учениците годините наназад. Имено, од месец март 2020 година, поради здраствената пандемија, учениците и професорите за прв пат се најдоа пред предизвикот да ја спроведат учебната година од далечина, иако за истото не беа подготвени наставниците и институциите, ниту пак се користеше воедначен пристап за спроведување на образовниот процес (особено ако погледнеме во руралните наспроти урбаните средини, или пак недостатокот на компјутери и опрема во семејствата со повеќе ученици).
3. Загрижува и фактот што учениците ги имаат вратено учебниците кои училиштата им ги даваат на бесплатно користење, за да го подигнат свидетелството за завршено деветто одделение. Ова значи дека за приемите испити, освен онлајн достапните содржини, учениците не можат да ги користат учебниците по конкретните предмети. Иако предметниот материјал е поминат и усвоен од нивна страна, имањето учебници не смее да се става под знак прашалник бидејќи на секој ученик му се потребни услови за подготовка за ова особено важно тестирање.
4. За разлика од други состојби и закажани испити во образовниот систем, оваа година се наоѓаме во пандемија, а во последните 2 недели во нашата земја се забележува рекорден број и значителен пораст на лица заразени со КОВИД – 19. Мора да се има на ум дека со спроведувањето на овие тестирања не само што учениците, наставниот кадар и техничкиот персонал ќе се изложат на ризик, туку тоа е ризик и за нивните семејства и потенцијално ќе креира нов кластер на заразени со вирусот.
5. Најавувањето на испитите во исклучително кус рок, ги става учениците во неизвесна и непозната ситуација, која може и мора да биде планирана и превенирана од страна на надлежните институции. Ова е дополнителен стрес кој учениците и нивните семејства веќе го имаат при преминот од еден во друг степен на образование.
6. Два тестови во еден ден (особено квалификациони), не смее да биде пракса во ниеден случај. Ова се избегнува во редовното тестирање во училишата, како во основно така и средно образование, дури и при полагањето на испити во високото образование. Мора да се има на ум дека за ученици кои штотуку завршиле основно образование, ова ќе претставува особено сериозен и стресен процес, за кој немаат начин да се подготват дури ни во услови кога испитите би биле најавени порано.
Додека Министерството за образование и наука не најде соодветен модус за превенирање на овие ситуации во иднина, мора да се остави простор училиштата да одлучат за отворање на поголем број паралелки доколку за истото имаат соодветни можности и услови. Колку за илустрација, минатата учебна 2019/2020 година, тестирањето во некои од училиштата беше најавено само поради не повеќе од 30 ученици за кои немаше место во постоечките паралелки.
Потенцираме дека и понатаму остануваат места во стручните училишта кои ниту оваа година Министерството за образование и наука не успеа доволно да ги промовира и популаризира помеѓу идните средношколци. Еден од приоритетите на Министерството мора да биде изедначување на квалитетот во сите училишта, што директно ќе влијае на нивната привлечност за следните средношколци.
Алармираме да се работи на соодветно и навремено идно превенирање на овој проблем, а Министерството за образование и наука посериозно да внимава на менаџирање и координирање на оваа ситуација, особено кога здравјето и безбедноста на учениците се изложени на удар.