Образованието повеќе не смее да трпи компромиси по неговиот квалитет, со цел да се задоволат интересите на поединци, порачаа денеска од Младинскиот образовен форум (МОФ) на Меѓународниот ден на образованието.
Оттаму велат дека образованието мора да продуцира млади кои ќе имаат отворени умови, критички ќе размислуваат и ќе бидат подготвени на предизвиците во животот.
По повод Меѓународниот ден на образованието, тие потсетија дека во Македонија сѐ уште има училишта и универзитети без основни просторни и материјални услови за работа.
„Во повеќе населени места проблем е и превозот до образовните установи, без кој не може да зборуваме за еднакво образование за сите. Потсетуваме дека македонското образование покажува слаби резултати. Ова значи дека се потребни инвестиции во просветниот кадар преку континуирана обука и подобрување на условите и материјалите за работа, што ќе придонесе за поголема ефективност на образовниот процес и зголемување на знаењата и вештините на учениците и студентите“, велат од МОФ.
Организацијата истовремено посочи и дека недостасуваат образовни асистенти за средношколците со попреченост што ќе бидат платени од државен буџет, додавајќи дека оттука, треба да се работи на компетенции кај наставниците, на поинклузивна клима без дискриминација, на зголемување на буџетот, но и на ефективна институционална соработка, за да може целиот инклузивен процес да „застане на нозе“.
Дополнително, од Младинскиот образовен форум велат дека дигиталната писменост треба да се постави во центарот на сите степени на образованието, посочувајќи дека примената на дигиталните алатки за учење ќе ги подготви учениците и студентите успешно да ги користат новите технологии во денешната дигитална ера.
„Потсетуваме и на важноста од создавање на интердисциплинарни наставни и студиски програми кои ќе ги подготват младите за понатамошните лични и професионални предизвици. Образованието мора да поттикнува критичко размислување и активизам, и да им овозможи на младите активно да се вклучуваат во процесите на одлучување и да бидат носители на позитивни промени во општеството“, велат од МОФ.
Тие се децидни дека образование во кое се инвестира, а не експериментира, е клучно за обезбедување квалитет, инспирација и поддршка на нови генерации на млади.