МОФ почнува со серија отворени предавања за млади – првото е на тема „Што е социјална правда?“

„Имаш желба да дознаеш нешто повеќе за теми од секојдневието, но за нив нема предмет во училишниот распоред? Заинтересиран/а си да дознаеш што всушност е феминизам и како започнал? Зошто воздухот е загаден? Што е причината за секојдневните протести и масовни движења ширум светот? Што всушност е дискриминација и како да ја спречиме?

Вака Младинскиот образовен форум ја најави серијата предавања кои ќе се одржуваат еднаш месечно на различни теми и проблеми од секојдневието. Предавањата ќе ги држат искусни предавачи од МОФ, а присуството на нив е слободно и отворено за сите млади луѓе, желни да дознаат повеќе.

Првото Отворено предавање за млади ќе се одржи на 26 февруари (среда) во 19:30 часот во просториите на Комитет во Скопје.

Темата на предавањето е „Социјална правда“, концепт кој вели дека сите луѓе треба да имаат еднаков квалитетен пристап до здравствени услуги, правда, примања и слични привилегии без разлика на нивната економска, расна или етничка позадина, политичка припадност или сексуална ориентација, а нешто повеќе за ова ќе ни објаснат Ѓорѓи Димески и Соња Митиќ, предавачи по дебата во клубовите на МОФ.

Отворените предавања за млади се организираат во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондација Отворено Општество-Македонија.