МОФ повикува нови членови во младинските клубови

„Која е твојата супермоќ за промена?“

Младински образовен форум (МОФ) отвора повик за нови членови во младинските клубови за Дебата, Учиме право, Артивизам и Новинарство. Заинтересираните треба да го потполнат прашалникот за пријавување најдоцна до 30 септември до 23 и 59 часот.

Клубовите ќе бидат отворени во: Скопје (Кисела Вода, Шуто Оризари), Теарце, Делчево, Струмица, Штип, Гевгелија, Струга, Битола, Кратово, Тетово, Велес, Дебар, Прилеп, Гостивар, Пробиштиш, Кавадарци, Maкедонска Каменица, Свети Николе, Неготино, Koчани и Пехчево и Берово.

„Твоите аргументи се твојата супермоќ. Зајакни ги во Дебатниот клуб на МОФ“, повикуваат оттаму.

Како што појаснуваат, дебатните клубови имаат за цел да развијат способности за критичко размислување, аргументирано говорење и ефективна комуникација кај средношколците.

„Преку дебатните клубови, младите го зголемуваат своето учество во општествените случувања и придонесуваат кон создавање отворено општество засновано на демократски вредности и толеранција, каде се промовираат и практикуваат критичката мисла и слободното аргументирано изразување. Дебатните клубови се фокусирани на изучување на компетитивна дебата, јавно говорење и медиумска писменост“, нагласуваат од МОФ.

Клубовите Учиме право, пак, се насочени кон правна едукација и запознавање на младите со основите на демократијата и правниот систем, владеењето на правото и остварување и заштита на човековите, граѓанските и политичките права и слободи. Содржината на клубовите е поделена на четири дела: надлежностите на државните институции, човековите слободи и права, граѓанско право и кривично право.

„Дополнително, програмата на своите членови им нуди можност преку различни организирани активности да посетат различни држaвни институции и тела или да бидат дел од симулации кои го претставуваат нивното работење. На овој уникатен начин програмата цели да создаде врска помеѓу концептот на демократијата, човековите права и правниот систем и нивното влијание во секојдневниот живот“, наведуваат од младинската организација.

Од друга страна, Артивистичките клубови работат на оспособување на младите слободно и креативно да се изразуваат, охрабрувајќи ги самите да преземаат и предводат активности кои ќе ја подобрат моменталната состојба во нивните локални заедници. Членовите на клубовите посетуваат предавања и работилници за различните форми на активизмот, креативни активистички алатки, младинско организирање и ангажирање на заедницата за решавање на предизвици.

„Иницијативите кои младите членови ги создаваат имаат за цел да поттикнат размислување и дејствување на конкретни општествени теми од нивен интерес, придонесувајќи за помагање на локалната заедница преку младински активизам“, истакнуваат од МОФ.

Клубовите за Новинарство на МОФ, посочуваат оттаму, се фокусирани на развивање на вештините за новинарство и медиумска писменост кај младите.

„Членовите на новинарските клубови учат како да спроведуваат истражувања, да креираат новинарски содржини и да ги разбираат и анализираат медиумските пораки. Овие клубови ги подготвуваат младите за одговорно и критичко консумирање и создавање на медиумски содржини, кои имаат цел да ја информираат јавноста“, известуваат од организацијата.

Клубовите за дебата и медиумска писменост се поддржани од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, клубовите за Артивизам се поддржани од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, а Новинарските клубови се поддржани од Националната фондација за демократија (НЕД).

За сите дополнителни прашања поврзани со повикот, обратете се на info@mof.org.mk.