МОФ: Првиот училишен ден треба да биде почеток на суштински промени во образованието

„Денес, на 2 септември 2024 година, околу 67 илјади средношколци и 180 илјади основци седнуваат во училиштните клупи со желба за нови знаења и искуства. Но, дали вистински ќе ја започнат учебната година во средина која ги подготвува за иднината?“

Прашува Младинскиот образовен форум (МОФ) посочувајќи дека образованието е темел на секое општество, столбот кој ги подготвува и формира идните генерации. Но, како што велат од организацијата, за жал сведочиме дека нашиот образовен систем сè уште се соочува со големи предизвици.

„Иако, во последните години Министерството за образование и наука започна со реформи, меѓу кои инклузивното образование и зголемување на пристапноста до образовни ресурси, резултатите сè уште не се на задоволително ниво. Истражувањата покажуваат дека македонските ученици се далеку под светскиот просек во образовните постигнувања“, истакнуваат тие.

МОФ, како младинска организација која 25 години се бори и се залага за квалитетно образование еднакви можности за сите, без разлика на нивната социјална, економска позадина и можности ги повикува сите – од образовните институции до учениците и родителите/старателите – да преземат конкретни чекори за подобрување на квалитетот на образованието.

„Првиот училиштен ден не треба да биде само почеток на уште една нова учебна година, туку почеток на суштински промени во образованието. Време е училиштата да се претворат во центри на знаење и иновација и нови образовни модели на едукација преку кои младите ќе добијат поддршка и поттик за достигнување на својот полн потенцијал“, сметаат оттаму.

Тие потенцираат дека учениците заслужуваат современи методи на учење, критичко размислување и интегрирање на информатичката технологија и дигитални трендови во наставата, како и да се вложува во научно-истражувачката дејност и да се јакне ученичката самостојност. Исто така, учениците заслужуваат образовен систем кој ќе ги мотивира и ќе им овозможи да ги развијат своите таленти и вештини, да имаат став, создавајќи активни граѓани, велат од МОФ.

„Време е за конкретни промени кои ќе ги отворат вратите за нови можности и ќе обезбедат квалитетно образование за сите! Потребно е осовременување на наставните материјали и константно инвестирање и работа со професорите и со образовните кадри. Уште поголема е потребата за почитување на правата и потребите на лицата со атипичен развој, меѓу кои се сензибилизирање на наставниот кадар, обезбедување на образовни асистенти, инфраструктура и соодветни услови за учење“, забележуваат оттаму.

Според нив, образовните можности не смеат да бидат привилегија, туку право на секој млад човек.

„МОФ и понатаму ќе продолжи да се бори и да се залага за систем кој ќе им овозможи на сите млади луѓе во Македонија пристап до еднакво, квалитетно и инклузивно образование“, децидни се од МОФ.