Имавме можност да го посетиме Источен Тимор – држава која се наоѓа на другата страна од светот. Во државата живеат повеќе од 1 милион жители, скромни и мудри луѓе. На посетата бевме заедно со делегација од Јужен Судан.
На собирот беа претставници на три држави кои се релативно млади – Источен Тимор е независен од 2002, а Јужен Судан од 2011 година. Македонија, пак, освен по времето на својата независност, се разликува и во начинот на кој другите две држави се здобиле со суверена држава – а тоа е по пат на војна. Можеби фактот дека морале да се борат за своите основи права: на живот, на слобода, на свој устав и свои ресурси, ги направил Тиморци граѓани кои сплотени извојувале победа. Сега, по десет години независност, заеднички се борат за сите предизвици.
Разлики има многу – од начинот на кој ја негуваме религијата, природните ресурси, се до начинот на кој системот функционира. Но, тоа што ми остави впечаток се неколку работи:
Граѓанското општество функционира во помали или поголеми граѓански организаци под една чадор организација наречена Фонгтил Женските организации си имаат своја мрежа, која активно работи на национално ниво, продирајќи во основните елементи на општеството: семејството, племенските заедници и селата. Канцелариите не располагаат со најнови модерни технолигии и луѓето имаат слична приказна како и целните групи за кои работат, само собрале малку повеќе сила и решиле да помагаат поради тоа што има и што да се помогне.
Голем дел од семејствата се сиромашни, инфрастуктурата е неразвиена, условите во кои живеат луѓето треба да се подобрат. Патријархалната структура на семејството понекогаш одредува машките деца да одат во училиште додека женските деца се одговорни за домот и домашните работи. Но сепак, жените се избориле за 25 од 65 (38 %) седишта во парламентот.
Тоа што нам ни недостига е нивната довербата во институциите, системот на дијалог помеѓу граѓанските организации и владата и вербата во функционерите дека работат за доброто на општеството. Претседалетот и премиерот биле долгодишни борци за слобода, како и многу луѓе кои сега работат во владата, се трудат да се прилагодат на животот во фотелјата наспроти животот во џунглата. Народот се поистоветува со своите лидери, поради тоа што луѓето на власт никогаш не заборавиле за кого се бореле.
Нема простор за омраза. Источен Тимор бил Португалска колонија повеќе од пет века, а во 1975 била извршена инвазија од страна на Индонезија. За повеќе од две децении, околу 200.000 граѓани на Источен Тимор починале од војна, глад и прогонство. Но, за време на мојот престој не осетив омраза кон одреден народ, религија и држава. Иако со тешко минато и жртви, граѓаните решиле да продолжат со својот живот и да изградат држава која ќе му служи на народот.
Во Македонија имам чувство дека веќе никој не се бори за тоа во што верува, иако пред 21 година мислевме дека со тек на време ќе добиеме многу повеќе, се уште сме заглавени на она што тогаш го добивме, ако не и помалку од тоа.
Сандра Анастасовска