Креаторот на платформата „МојВоздух“, Горјан Јовановски преку видео на својот Јутјуб канал објави нова „опција“ наречена „ЧистоМиЕ“, наменета за оние кои не се задоволни што апликацијата преку црвени кругови го регистрира загадувањето на воздухот преку дозволениот лимит.
Опцијата, Јовановски објаснува, доаѓа бидејќи ги следел коментарите на корисниците кои ги добива во коментарите на неговата апликација – како „доста лажеш, мене надвор чисто ми е“ или „многу негативна апликацијата, сè нешто загадено“.
„Со активирање на опцијата на апликацијата, оп – сè е чисто, нема никаков проблем. ПМ10 – чисто, ПМ, 2,5 – чисто, мерни станици кои не работат – чисто. Игнорирањето на проблемот со аерозагадувањето никогаш не било полесно. Заборавете на вакви црвени кругови, од денес – Чисто ми е“, вели Јовановски во видеото.
Јовановски на крајот на видеото заклучува дека е „редно време да ги заборавиме загадените денови“ повикувајќи ги сите кои сакаат да го игнорираат проблемот со аерозагадувањето да ја активираат опцијата преку линкот mojvozduh.eu/cisto-mi-e.
Токму на линкот можете да најдете и повеќе детали за тоа зошто Јовановски се одлучил да ја направи новата опција и да ја промовира преку специјално видео, кое веројатно сосема случајно е објавено на 1-ви април :)