„Моќта на кучето“ (The Power of The Dog), вестернот на режисерката Џејн Кампион, победи во двете најважни категории, за најдобар филм и најдобра режија, на 75-тото издание на наградите кои ги доделува Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА).
Дел од присутните на вчерашната церемонија носеа симболи со боите на украинското знаме покажувајќи солидарност со украинските граѓани кои страдаат од руската инвазија на нивната земја. Бенедикт Камбербач, кој ја прими наградата за најдобра режија во име на Кампион која беше отсутна, носеше беџ со боите на Украина.
„Оваа церемонија е прослава на индустрија чиј фокус се сликите, и тие често зборуваат посилно од зборовите. Така што ова е мал гест. Но, покрај ова, тоа што сите ние треба да правиме е да продолжиме да вршиме притисок врз нашите политичари во однос на бегалската криза, да продолжиме со притисокот врз режимот на Путин и да продолжиме да помагаме на било каков начин на кој можеме, дали преку донации или згрижување бегалци. Тоа е нешто што и лично сакам да го направам“, изјави Камбербеч за Би-Би-Си.
Во актерските категории победата ја однесоа Вил Смит, за најдобар актер во филмот „Кралот Ричард“ (King Richard) и Џоана Сканлан за најдобра актерка за филмот „По љубовта“ (After Love).
Филмот „Дина“ (Dune), кој имаше најголем број номинации, однесе и најголем број награди на вчерашната церемонија, вкупно 5 – за најдобра кинематографија, продукција, специјални ефекти, музика и звук.
„Ликорис Пица“ (Licorice Pizza) ја однесе наградата за најдобро оригинално сценарио, а „КОДА“ (CODA) победи во категоријата за адаптирано сценарио.
„Белфаст“ (Belfast) ја однесе наградата за најдобар британски филм, додека „Вози ја мојата кола“ (Drive My Car).
Целосната листа на добитниците на БАФТА наградата, која вообичаено се смета како најдобар показател за тоа каде ќе завршат Оскарите, може да ја погледнете на следниов ЛИНК.