Веста за самоубиство на шеснаесетгодишното трансродово лице во главниот град на Молдавија, Кишинев беше причина за најава за законски промени во државата, пренесува „Балкан инсајд“. Лицето се самоубило откако било малтретирано и понижено од својот клас во училиштето.
Дан Перцуин, пратеник во молдавската партија „Акција и Солидарност“, денеска изјави дека законите мораат да се променат за да се спречи врсничкото насилство.
„Случајот на транс девојчето кое се самоуби откако беше понижено од својот клас покажува итна потреба да се финализира регулативата за спречување на врсничкото насилство и барање на одговорност од оние кои вршат насилство“, изјавил пратеникот.
Според истражувањето на полицијата, девојката се фрлила од зграда во Кишинев.
Веста за нејзиното самоубиство ја објавило невладината организација „Џендердок-М“ која работи на спречување на дискриминацијата кон молдавската ЛГБТИ+ заедница.
„Со големо жалење и тага откривме дека една од корисничките на нашите сервиси одлучила да си го одземе животот. Таа беше дел од трансродовата група за поддршка и групата за поддршка на адолесценти“, се вели во Фејсбук објавата на невладината организација.
Од невладината не ја кажале деталната причина зошто тинејџерката си го одзела животот, но претходно објавила соопштение за дете врз кое имало „систематско врсничко насилство поради нејзиниот родов идентитет“.
Полицијата и молдавското министерство за образование отвориле истража во девруари оваа година, откако шестнаесетгодишната тинејџерка била претепана и јавно исмевана од нејзините соученици.
Пратеникот Перцуин изјавил дека сексизмот, хомофобијата и агресијата се честа појава во молдавското општество.
„Мораме да направиме повеќе за заштита на жртвите, да го информираме општеството и да им помогнеме на жртвите со неопходната помош и поддршка“, додал тој.
Прекршокот за малтретирање, дефиниран како психичко заплашување, беше воведен во образовниот кодекс на Молдавија во средината на февруари.
Во Молдавија, 86,8 отсто од учениците од 6-то до 12-то одделение жртви на врснично насилство, се вели во студијата на УНИЦЕФ.