„Момчето што мочка“ во Брисел облечено во Ковид опрема на годишнината од пандемијата

Бронзената скулптура „Момче што мочка“ во Брисел беше облечен во облеката која ја носат санитарните работници на годишнината од почетокот на пандемијата во Белгија.

Скулптурата покрај скафандерот, болнички папучи, заштитна маска и ракавици, на појасот носи и кеса во која се ставени гел за дезинфекција и топломер.

Со овој гест локалните власти им оддадоа признание на „Ковид момците“, група активисти кои изминатиов период патролираа низ градот и преку хумор ги забавуваа граѓаните и ги потсетуваа да се придржуваат до здравствените мерки против коронавирусот.

ФОТО: АФП

„Ковид момците сфатија дека со хумор на жителите на Брисел можеме да им укажеме да ги почитуваат здравствените мерки. Тоа е добро за моралот“, вели претставничката за култура и туризам во Брисел, Делфин Уба.

„Ковид момците“ рекле дека се почестени што „Момчето кое мочка“ е облечено во нивната опрема и додале дека ова треба да остане во колективното сеќавање на жителите на Брисел.