Нема да дозволиме покачување на цените за сместување преку самоволие и непочитување на прописите, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН), откако вчера организацијата Студентски отпор објави дека се зголемени месечните кирии во студентските домови, пренесе Мета.мк.
Мета.мк го следеше процесот на вселување на студентите, и објави дека цените за сместување годинава се повисоки од лани. Па така на пример, ако студент во „Гоце Делчев“ лани плаќал 3.645 денари, сега плаќа 3.945 денари.
Во денешното соопштение на МОН се вели дека ниту еден студентски дом индивидуално не може да ја промени цената за сместување и на студентите избрани преку јавно објавени конкурси да им наплатува различен износ од утврдениот во Програмата. Доколку се утврди постапување спротивно на важечките акти, Министерството најавува дека ќе побара одговорност од директорите кои го направиле прекршувањето.
МОН потсетува дека согласно со Законот за студентски стандард, цената за сместување во државни студентски домови се утврдува со Програма за остварување и развој во дејноста на студентскиот стандард, која ја усвојува Владата. Притоа, стои во соопштението, МОН покрива 50 проценти од вкупниот износ на цената, која за 2023 година изнесува 6.820 денари. Оттаму, на студентите кои плаќаат партиципација, трошокот им изнесува 3.410 денари месечно. Додека за најмногу 40 проценти од студентите, МОН го покрива целиот износ, доколку се работи за студенти со посебни потреби, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на социјална парична помош итн.
Извор: Мета.мк