Во тек е исплатата на пари за ученици за месец декември 2023, како и за јануари 2024 година, а досега се исплатени 23 илјади основци и 25 илјади средношколци, информираат од Министерството за образование и наука (МОН) за Мета.мк. Оттаму додаваат дека и повеќе други налози ќе бидат реализирани во текот на следната недела, пишува новинската агенција Мета.
Мерката со која е предвидено да добијат финансиска помош од по 1.200, односно 1.500 денари децата од семејства со месечен приход не повисок од 50.000 денари, треба да ја искористат вкупно околу 75 илјади основци и 30 илјади средношколци.
„Аплицирањето се врши преку училиштата, а исплатата е етапна, односно како училиштата доставуваат податоци до МОН, така се подготвуваат налози за плаќање. Се соочуваме со предизвик што често се доставуваат неточни податоци, односно трансакциски сметки на родители кои се погрешни или затворени и тоа ја закочува исплатата. Тековно со училиштата, ги надминуваме овие проблеми“, информираат од МОН за Мета.мк.
Оттаму додаваат дека во буџетот на министерството, за антикризните мерки од деветиот пакет на Владата, обезбедени се 843 милиони денари кои се наменети за ученици и студенти.
Училиштата доставуваат листа со ученици кои ги исполнуваат условите и ги доставиле потребните документи, согласно јавниот повик. Во листата се доставени податоци за родителот/старателот подносител на пријавата, кои се потребни за исплата на средствата.
„Грешките во податоците испратени од училиштата го спречуваат процесот на исплата во Министерството за финансии“, појаснуваат од МОН.
Вработените во Министерството за образование и наука се во постојан контакт со лицата од училиштата, кои се задолжени за селекција и доставување на листата со ученици и сите податоци потребни за исплата и заедно ги корегираат грешките.
„Имајќи го предвид бројот на ученици, прочистувањето на доставените податоци во соработка со училиштата за формирање на база со точни податоци е подолг процес“, велат во МОН.
Ако ги исполнуваат условите и ако е уредна доставената документација, родителите на своите трансакциски сметки ќе добиваат пари заклучно со мај. Правото на финансиска поддршка од 1.200 денари за основци, односно 1.800 денари за средношколци им следува и на учениците од приватните училишта кои имаат верификација за работа од Министерството за образование и наука.