Министерството за образование и наука (МОН) инсистира државната матура да се одржи на датумите кои се дефинирани во Календарот за организација на учебната 2022-2023 година во јавните средни училишта, односно првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, а вториот на 10 јуни.
Соопштението доаѓа откако вчера вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) кои веќе трета недела штрајкуваат за повисока плата, не успеале да се спогодат со вицепремиерот за економски прашања.
На денешната прес-конференција со новинарите, вработените во ДИЦ изјавиле дека им било понудено наместо повисоки плати да добијат К-15 што како што рекле, досега незаконски биле спречени да го добијат.
„Второ, понудено ни е линеарно покачување од 2000 денари, кое требаше да се случи автоматски и тоа не треба да биде дел од преговорите“, изјавила Емилија Бошковска, советничка во Државниот испитен центар и претседателка на синдикалната организација, пренесе Мета.
Од МОН велат дека имаат поддршка и разбирање за штрајкот, но тоа не треба да биде на штета на учениците кои треба да бидат консултирани за било каков нов предлог околу полагањето на државната матура.
„Апелираме и до раководството на Државниот испитен центар и до членовите на Државниот матурски одбор целосно да се испочитуваат дефинираните рокови, во интерес на матурантите, чие понатамошно образование или вклучување на пазарот на трудот зависи токму од овој процес, како чин на формализација на средното образование и стекнување диплома“, соопштуваат од Министерството.
Дијалогот помеѓу ДИЦ и Министерството за финансии, додаваат од МОН, треба да продолжи до изнаоѓање на конечно решение, но истовремено, неопходно е да продолжат и процесите кои ги засегаат матурантите.