Министерството за образование и наука (МОН) преку соопштение и документ посочува заостанати долгови на Државниот студентски центар „Скопје“, под чија закрила функционираат студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“.
Според МОН, согласно податоците за неподмирени и преземени обврски на ДСЦ „Скопје“ – Скопје, до 31 мај годинава, долговите достигнуваат 282.754.637 денари (нешто над 4.6 милиони евра).
„Само за илустрација, на име на комунални услуги, греење, комуникација и транспорт ДСЦ ‘Скопје’ има долг од 101.720.685 денари до крајот минатиот месец“, велат од МОН.
Доколку раководството на ДСЦ „Скопје“ навреме ги подмирувало долговите и обврските, велат од МОН, немало да се доведат студентите кои се сместени во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, но и во останатите студентски домови „да ги подготвуваат испитите во темница и да стравуваат дека ќе останат без електрична енергија или вода за пиење и елементарни услови за престој во објектите“.
„Министерството за образование и наука, како што претходно информиравме, вложи напори за надминување на проблемот со електричната енергија во Студентскиот дом ‘Гоце Делчев’ во Скопје и студентите кои се сместени во истиот да ги добијат основните услови за престој“, соопштуваат од МОН.