Министерството за образование и наука (МОН) соопштува дека етапната реконструкција на сите девет државни студентски домови ќе стартува во втората половина на оваа 2023 година.
„Во првата фаза која ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи, целосно ќе се реконструираат студентските домови ‘Стив Наумов’ и ‘Кузман Јосифовски – Питу’. Економските оператори кои се одбрани во постапката за претквалификација, а согласно правилата на KFW развојната банка која заедно со Европската унија е финансиер на овој капитален проект, веќе доставуваат финансиски понуди и по избор на најекономичната ќе се склучи договор за изведба на работите“, соопштуваат од МОН.
Од таму потсетуваат дека Владата, односно МОН склучи договор за обезбедување средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. 20 милиони се заем од KFW развојната банка, додека 5 милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија. Реконструкцијата која подразбира замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување и така натаму, ќе се одвива во три фази.
„Во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови ‘Томе Стефановски-Сениќ’, ‘Никола Карев’-Охрид, ‘Браќа Миладиновци’-Штип, ‘Народен херој Орде Чопела’-Прилеп, кои е предвидено да бидат NZEB (Near zero energy building), а во третата фаза реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на студентските домови ‘Кочо Рацин’ – Битола и ‘Пелагонија’. Почетокот на градежните работи е предвиден во првата половина на 2024 година“, соопштува МОН.
Инаку, Радио МОФ на неколку пати има пишувано за состојбите на дел од студентските домови. Последно објавивме за „Стив Наумов“, каде студентите се жалеа за проблемот со хигиената, влагата и санитарните јазли.
Мизерни услови и млако парно во студентскиот дом „Стив Наумов“, студентите се плашат да се пожалат