Министерството за образование и наука (МОН) вчера (6 септември) ги објави резултатите од конкурсите за прием на студенти на додипломски студии во државните и приватните студентски домови.
Резултатите се однесуваат за студентите од втора и повисоките години, додека за студентите во прва година – бруцошите, рокот за аплицирање е од 10 до 17 септември.
„Студентите можат да достават приговор во студентскиот дом каде што аплицирале за сместување. Рокот за доставување на приговорите е од 10.09.2024 до 16.09.2024 година“, се вели во соопштението на МОН.
Сите резултати може да се видат ТУКА.
Инаку, во претстојните две академски години ќе трае реконструкцијата на „Кузман Јосифовски – Питу“ кој е затворен уште од 2022 година, а во кој започна да се работи дури во мај годинава. Во следните две години ќе се реновира и „Стив Наумов“ кој се затвори неодамна. Исто така, низ последните години се „заклучиле“ и 207 легла во „Томе Стефановски – Сениќ“.
Студентите на располагање оваа година имаат 2.583 легла. Доколку државните студентски домови би работеле со полн капацитет тие би можеле да сместат 4.639 студенти.
Од слободните легла, 492 се наменети за бруцоши, а 2.091 за студентите во втора, трета, четврта и петта година.
„Борбата“ за студентско легло во Скопје годинава уште поголема