Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од Конкурсот за доделување на стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи за студиската 2022-2023 година.
За испорачување на стипендиите потребно е сите добитници да потпишат соодветен договор согласно стипендијата која им е одобрена.
„Студентите кои се стекнаа со правото на користење студентска стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија (објавени со резултатите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка“, се вели во соопштението.
Договорот во три примероци треба се достави до писарницата на МОН на адресата „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје почнувајќи од утре (2 февруари) до 17 февруари 2023 година. Договорите се достапни тука.
Договорот може да се достави лично или по пошта со ознака препорачана пратка со повратница.
„Решенијата и за прифатените и за одбиените апликации се изработуваат во моментов и ќе бидат испорачани на домашната адреса на секој апликант“, соопштуваат од Министерството.
За одбиените кандидати, од МОН информираат дека има можност да поднесат жалба. Жалбите треба да се поднесат до Државната комисија за одлучување по управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението од МОН. Во жалбата треба да биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.
Од МОН апелираат да не се поднесуваат приговори пред да се добијат решенијата.