Министерството за образование и наука, на првиот ден од новата академска година, конечно ги објави резултатите за сместување во студентски дом. Сепак, непосредно по објавата, сајтот падна, па голем дел од оние што конкурирале за место во студентски дом, не можат да ја проверат листата.
Студентите со недели ги чекаа резултатите за сместувањето, бидејќи дел од нив мора да следат настава со физичко присуство на факултетите каде е неопходна пракса.
Годинава капацитетите за сместување се преполовени, поради новите протоколи за спречување на пренос на новиот коронавирус. Протоколите пред неколку дена беа усвоени од Владата, ама се уште ги нема објавено на нивниот сајт.
Како што најавија од Влада, за студентите за кои нема да има место во студентски дом ќе им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите. Според проценките, овие средства, за чија висина дополнително ќе одлучува Владата, ќе користат 884 студенти и 347 ученици.
Радио МОФ пред неколку дена побара од Министерството за образование и наука, кои се критириумите по кои ќе се одлучува дали некој студент ќе добие место во дом или месечни субвенции за сместување, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.