Министерството за образование и наука (МОН) го објави Конкурсот за упис на ученици во јавните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2023/2024 година.
Оттаму информираат дека пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни, на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.
Според овогодишниот конкурс, во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение:
– за гимназиско образование – мајчин јазик и математика;
– за здравствена струка – биологија и хемија,
– за другите струки – мајчин јазик и математика.
Од МОН велат дека во учебната 2023/24 година се обезбедени 29.798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта.
„За настава на македонски јазик, со Конкурсот се предвидени 20608 слободни места, за настава на албански јазик 8301 и 889 места за настава на турски јазик. Во учебната 2023/24 година во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование“, посочуваат оттаму.