МОН го објави повикот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

Министерството за образование и наука (МОН) распиша јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2023/24 година.

Според условите на Министерството, право на аплицирање имаат сите студенти кои се државјани на Република Северна Македонија, редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по било кој основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

Кандидатите треба да се пријават електронски преку овој линк. При пријавувањето треба да се пополнат Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци  во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ преку која се пријавуваат за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

Секој кандидат може да ја провери поднесената пријава, во електронската апликација во менито „Мои апликации“.

Дополнително, процесот на аплицирање е илустративно прикажан на видеото:

Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 10 август 2023 година. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар рокот за пријавување е од 1 до 7 октомври 2023 година.

Кандидатите за статусот на пријавата ќе бидат известени по електронски пат.

Според најавата на МОН, студентите во претстојната академска година средствата за субвенциониран студентски оброк ќе ги добиваат на наменска платежна картичка. Студентите кои ќе се стекнат со правото на оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за да отворање посебна сметка која ќе биде поврзана со платежната картичка за студентски оброк. За отворање на сметката и издавање и одржување на платежната картичка студентот нема потреба претходно да бил клиент на оваа банка. Покрај тоа, како што додаваат од МОН, студентот нема да има никакви трошоци околу отворање на сметка и издавање на наменската платежна картичка.

МОН: Студентите од октомври ќе добијат платежна картичка за студентски оброк