Градоначалниците и директорите на училиштата се во интензивни подготовки за новата учебна година. Тие денеска се сретнаа со министерката за образование и наука Мила Царовска, најавувајќи дека ќе обезбедат навремен почеток на наставата и спроведување на новите наставни програми.
Тема на разговор на состанокот поточно била подготвеноста за имплементација на новите наставни програми за прво и четврто одделение кои согласно новата Концепција за основно образование треба да стартуваат од 1 септември годинава. Покрај ова, на состанокот биле споделени информации за техничката подготвеност со опрема со која располагаат училиштата, неопходна за успешна реализација на зацртаните реформи.
„Министерството за образование и наука продолжува со подготовката на дигиталните материјали за учење и покрај повлекувањето на предлог законот за учебници од собраниска процедура. Новите материјали за учење се изработуваат согласно усвоените нови наставни програми кои треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците“, информираат од МОН.
Во април се одржа обука на 22 универзитетски професори и 22 наставници од основните училишта, со што започна планот за обучување на наставниците за принципите на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение.
Тие ќе треба да стекнат компетенции на обучувачи и потоа нивните искуства да ги пренесат на околу 3.000 други наставници.
Од следната учебна година, предвидено е новата концепција за основно образование да се спроведе во прво и четврто одделение, додека наредната година, по неа да учат и учениците од шесто одделение. Етапно потоа, концепцијата ќе „влезе“ и во образовниот процес на седмооделенците, година потоа таа ќе „стигне“ до учениците во осмо одделение, па потоа и до учениците од деветто одделение.