Министерството за образование и наука (МОН) информира дека гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово од денеска е без струја поради неплатен долг од 6,6 милиони долари.
„Денеска уште еднаш се потврди исправноста на одлуката за одземање на надлежноста на градоначалникот на општина Тетово за средното општинско училиште ‘Кирил Пејчиновиќ’. За среќа, ситуацијата настанува за време на летниот распуст и нема да предизвика последици по воспитно – образовниот процес на учениците“, децидни се од МОН.
Оттаму соопштуваат дека училиштето има испратено предлог финансиски план за 2023 година до општина Тетово, но, како што велат, тој до денот на надзорот не бил усвоен од Советот на Општина Тетово.
„Резултат на ова, училиштето во неможност да ги плаќа фактурите доставени од операторите и компаниите со кои училиштето има потпишано договор, се прави долг од 6,6 милиони денари“, велат од Министерството.
Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во тетовската гимназија, при што со Записник беше констатирано дека заради нераспределување на средствата од блок дотацијата од страна на Општина Тетово, а наменети за ова училиште отежнато е функционирањето на училиштето.
„Врз основа на овие факти, а согласно член 108-б од Законот за средно образование, министерот ја одзема надлежноста на градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами за работењето на гимназијата во траење од 12 месеци“, се вели во дописот од МОН.
МОН му ги одзеде ингеренциите за образование на Касами, во Општината Тетово не знаат за вакво нешто