Министерството за образование и наука (МОН) демантира дека на нивна и иницијатива на Владата двојно ќе се зголемува партиципацијата за студирање на државните факултети на сите три циклуси.
„Се работи за невистинита информација и затоа апелираме студентите да бидат спокојни, бидејќи и натаму ќе ги плаќаат истите износи за државната и за квотата со кофинансирање кои важат во моментов“, стои во реакцијата на МОН што пристигна по написите на дел од медиумите.
„Во комуникација со Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес. Министерството за образование и наука го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани. Износите на партиципација остануваат идентични како и досега“, велат од ресорното министерство.
Вчера со реакција за ова излезе и Универзитетското студентско собрание при УКИМ од каде кажаа дека се разговарало за дополнително финансирање на Универзитетот, но дека тоа никако не смее да падне врз грбот на студентите.
Ставот на УСС и на членовите на ректорската управа беше дека финансискиот товар за ова решение не смее никако да падне врз грбот на студентите, туку финансиските барања да бидат упатени кон владата“, велат од УСС УКИМ.
View this post on Instagram