Министерството за образование и наука (МОН) информира за изработка на нов интегриран систем за електронска работа во училиштата.
„Во новото софтверско решение интегрирани се сугестиите на наставниците, родителите на учениците и сите институции кои имаат пристап до системот и се очекува досегашните предизвици целосно да бидат надминати“, соопштуваат од таму.
Додаваат дека првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени, во координација на Министерството со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата.
„Паралелно се спроведуваат и обуки за примена на новиот електронски дневник, при што истите досега се посетени од страна на 40 училишни ИТ администратори каде најпрво софтверското решение ќе пилотира, како втора фаза од процесот на тестирање во текот на оваа учебна година. Обуките ќе продолжат во следниот период, со опфат на сите училишни ИТ администратори“, посочуваат од МОН.
Новиот систем, како што велат, ќе биде официјално применет во сите училишта, откако ќе бидат исполнети сите услови предвидени во процесот на тестирање и по миграцијата на податоците од постојниот систем во новиот. Очекувањата се тоа да се случи во текот на второто полугодие на тековната учебна година или на почетокот на следната.
Новиот електронски дневник е изработен со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија.