Изработени се новите наставни програми за седмо одделение кои со нови учебници ќе се имплементираат во наставата од учебната 2024/25 година, информираат денес од Министерството за образование и наука (МОН).
„Наставните програми се доставени до Министерството, така што наскоро Педагошката служба ќе објави повици за автори и за избор на рецензенти. Се очекува процесот на избор на учебници за седмо одделение, графичко уредување и испорака, целосно да заврши пред следниот септември и учениците на првиот училиштен ден, пред себе да ги имаат сите учебници“, велат од МОН.
Од Министерството го повторуваат ставот дека изработката на учебници е комплексен процес кој зависи од многу фактори, дел од кои, како што велат, не зависат од институциите.
„Сепак, со навременото доставување на наставните програми и отпочнувањето на постапката на одобрување учебници, се намалува веројатноста за доцнење на процесот, односно се обезбедува континуитет на планираните промени“, велат оттаму.
Соопштението следува по денешната средба меѓу претставници од МОН и Бирото за развој на образованието под чија надлежност е процесот на изработка на наставни програми.