По веста дека новиот учебник по Македонски јазик за петто одделение стаса две недели пред крајот на тековната учебна година, Министерството за образование и наука излезе со допис до медиумите во кој го објаснува долгиот процес на изработка на учебник.
Оттаму информираат дека за овој учебник минатата година имало три неуспешни јавни повици за автори и дека предлог ракопис добиле дури по четвртиот повик.
„Предлогот, подоцна два пати беше вратен на корекција од страна на Бирото за развој на образованието, заради усогласување на сите предложени содржини со новата наставна програма за соодветниот предмет. По неговото конечно одобрување од страна на Националната комисија за учебници, склучувањето на договор со авторите за пренесување на авторските права во април годинава, учебникот графички се уредуваше, по што е пуштен на печатење и дистрибуција до училиштата која заврши деновиве“, стои во дописот.
Според Министерството, се случува за одреден предмет да нема интерес за доставување предлог учебници, а како што велат процесот се кочи и кога рецензентските комисии ќе побараат корекции на текстовите.
„Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите. Ги разбираме реакциите на дел од јавноста дека учебникот е испорачан пред крајот на учебната година, но истовремено треба да се знаат и сите овие информации поврзани со постапката за негова изработка, одобрување, печатење и дистрибуција. Станува збор за комплексен процес кој се спроведува за секој нов учебник, согласно Законот за учебници во основното и средното образование и чие времетраење зависи од повеќе фактори“, велат од МОН.