Министерството за образование и наука во руралните средини во кои има помал број деца, за непречено одвивање на наставата најавува изградба на монтажни училишта со две училници.
Монтажните училишта ќе чинат по околу 3 милиони денари по објект, а парите ќе бидат инвестирани од страна на министерството.
„За десет дена предвидено е да завршат градежните работи во основно централно училиште „Методија Митевски Брицо“ во с. Каратманово, општина Лозово, а до крајот на месец мај ќе биде завршен монтажниот објект за Подрачното училиште на основното централно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во с. Мошица, општина Македонска Каменица“, соопштуваат од МОН.
Монтажните училишта во Лозово и Македонска Каменица се со површина од 109 метри квадратни а според министерството тие биле енергетски ефикасни, имаат санитарни јазли, ходник и просторија за котел за греење. До крајот на годината предвидено е да бидат изведени уште шест монтажни училишта во рурални средини, во кои настава можат да следат 24 ученици.