Министерката за образование Рената Дескоска соопшти дека ќе го повлече учебникот за четврто одделение по предметот Општество на авторката Билјана Живковиќ, објави порталот Сакам да кажам.
Во учебникот имаше задача каде се вели дека децата треба да донесат фотографија од свадбата на нивните родители и да одговорат дали се венчани во црква. Народниот правобранител утврди дека постои дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието.
„Комисијата донесе предлог за повлекување на учебникот, денеска јас ќе го потпишам решението“, изјави министерката Дескоска за Сакам да кажам.
Претставката до Омбудсманот беше поднесена со помош на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ).
„Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот, е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или, пак, еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија“, реагираа од Коалицијата.