МОН: Комисија ќе предложи корекции или изработка на нов учебник по Историја и општество за 5-то одделение

По бројните јавни реакции за грешки во учебникот по Историја и општество за 5-то одделение, Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека ќе се формира комисија која ќе ја преиспита целата содржина и ќе даде предлог за соодветни корекции.

Според МОН, комисијата ќе има законски утврден рок од 10 дена за да достави извештај до министерот, а потоа конкретните насоки ќе бидат испратени до компанијата задолжена за графичко уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебникот.

„МОН апелира до надлежните стручни тела и органи кои се дел од процесите на одобрување на учебници, да продолжат да работат на подобрување на содржината на учебниците кои се користат во основното и средното образование. Секако, во целиот процес и понатаму ќе биде вклучена јавноста, односно граѓаните кои имаат можност да доставуваат коментари, сугестии и забелешки за учебниците на електронската адреса books@mon.gov.mk“, посочуваат од Министерството.

Авторите на учебникот Историја и општество за 5-то одделение се огласија веднаш по реакциите од јавноста и изразија жалење што пропуштиле да поминат грешки во учебникот. Тие напоменаа дека грешките ги забележале веднаш по печатењето на финалната верзија на учебниците, за кои велат дека се настанати во текот на финалните подготовки, но не биле забележани и покрај тоа што учебниците поминале низ сите законски предвидени филтри.

Претходниве денови незадоволство предизвика и учебникот по Албански јазик за петто одделение, каде во делот од материјалот за кратенки беше наведена и владејачката Демократска Унија за Интеграции (ДУИ). Од МОН најавија корекција на пропустите и грешките и во овој учебник.

Стапки или метри? Исток или запад? Какви грешки најдовме во новите учебници за основно