Откако вчера од Сојузот на средношколци побараа оваа учебна година да нема државна матура туку само изработка на проектна задача, од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека не планираат никакви измени и дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок – јуни 2021 година.
Од МОН додаваат дека полагањето на државната матура е законска обврска и дека во комуникација со учениците и училиштата ќе обезбедат заеднички решенија за непречено и безбедно полагање на матурските испити.
„Ги известуваме учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, којашто е проширена со уште нови два предмета. Оваа учебна година за првпат, матурантите имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите. Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини“, соопштија од МОН.
Од Министерството потенцираат и дека полагањето завршни испити од државна матура се спроведува во сите европски земји и земјите во регионот, како Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово и Албанија, додавајќи дека таму матурските испити се реализираат непречено со почитување на сите здравствени и безбедносни протоколи.
Од Сојузот на средношколци сметаат дека државната матура оваа учебна година нема да биде ефективно тестирање за матурантите поради лошата состојба со наставата на далечина, како и скратените наставни програми поради пролонгираниот почеток на учебната година.
Да нема матурски испит туку само проектна задача, бара Сојузот на средношколци