Над 500 ученици од стручно образование кои се подготвуваат за кариера во природните науки, еколошката одржливост и ублажувањето на климатските промени ќе добијат можност за практична настава и практиканство во јавните и приватните претпријатија ширум земјата, преку партнерството склучено меѓу УНИЦЕФ и Групацијата „НЕЛТ“.
„Оваа иницијатива ќе им овозможи на учениците да стекнат драгоцено искуство и знаење, што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на труд, а истовремено ќе придонесе за поодржлива иднина за сите нас. Ваквата соработка е многу важна и од еден друг аспект – компаниите ја покажуваат својата општествена одговорност кон локалните заедници и посветеноста кон еколошки практики. Истовремено дава поттик и други компании да го сторат истото“, посочи министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Локалната иницијатива е дел од глобалното партнерството а за Македонија се издвоени 330.000 американски долари за период од три години.
„Иницијативата ќе им помогне на учениците од стручните училишта да стекнат зелени вештини поврзани со еколошката одржливост, зачувувањето на природата и климатската акција, овозможувајќи им практично да го применат знаењето на идното работно место во разни области, од управување со отпад и производство на зелена енергија па сè до одржливи производствени процеси, енергетска ефикасност и циркуларна економија во градежништвото“, додаваат од МОН.
Дополнително, иницијативата ќе биде уште еден поттик за деветтооделенците да одберат средно стручно образование, коешто од година во година бележи раст на бројот на запишани ученици. Оваа учебна година, 2024/2025 година, дури две третини од учениците по завршувањето на основното образование одбраа средно стручно училиште.
„Со зајакнување на рамката за практична настава, не само што ќе им помогнеме на учениците од стручното образование да изградат широко применливи зелени вештини, туку и ќе придонесеме кон развојот на работна сила која ќе биде оспособена да се справи со итните еколошки предизвици“, истакна претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.