Министерството за образование ги отфрли информациите дека дел од тестовите кои се полагаа во екстерното тестирање биле пробиени.
Како што стои во соопштението на МОН, сега е излишно да се говори за „пробиени“ тестови по одредени предмети коишто беа дел од екстерното тестирање, кога процесот за утврдување на објективноста на наставниците при оценувањето на учениците, заврши на 19 јуни 2013 година.
Оттаму посочија дека не се сомневаат во сигурноста на софтверот преку кој учениците беа тестирани, бидејќи е направен согласно стандардите за управување со информатичка безбедност.
„Министерството за образование и наука во координација со органите во состав и останатите надлежни институции, Државниот испитен центар, Бирото за развој на образование, Центарот за средно стручно образование и Државниот просветен инспекторат, направи анализа на сите тестови коишто изминатите неколку денови беа предмет на дебата и објава во одредени медиуми во обид за сензација, при што е констатирано дека прашањата во истите не се веродостојни ниту по формата, ниту по содржината на оние коишто беа изработени од страна на надлежните институции“, посочуваат од МОН.
Ваквата реакција на МОН следи откако во повеќе медиуми беа објавени екстерни тестови, за кои постои основано сомневање дека учениците си ги разменувале преку интернет. Посочен беше тестот по македонски јазик за трета година гимназиско образование, а ученици тврдат дека преку социјалните мрежи ги добиле и тестовите по физика, хемија и биологија.