Министерството за образование и наука соопшти дека при процес на „скенирање на состојбите“ во приватните универзитети во земјава, кој го спровела специјална комисија од МОН, „констатирани се нерегуларности, како технички така и суштински, кои, како такви, се очекува наскоро да се надминати.“ Според МОН, процесот на скенирање на состојбите го поддржале претставници на четиринаесет приватни високообразовни институции.
Во соопштението се вели и дека МОН изготвило „план на годишна редовна ревизија на јавните универзитети во земјата, со иста цел – унапредување на образовниот процес и надминување на евентуалните нерегуларности“.
Еве го, во целост соопштението на Министерството за образование и наука:
„Веднаш по формирањето на новата Влада, министерот за образование и наука, г-дин Абдилаќим Адеми, со цел да се запознае со состојбата во високото образование, со посебен акцент во приватните образовни установи, одлучи да формира посебна комисија за скенирање на состојбите во оваа сфера.
Овој процес обезбеди целосна слика за високото образование, особено на приватните универзитети, со цел да се изградат политики кои ќе имаат вистинска поддршка и истите да служат за унапредување на образованието во земјата и да се обезбедат услуги и поквалитетни студиски профили, во согласност со побарувачката на пазарот на труд дома и во странство.
Имено, комисијата ги дефинираше индикаторите за мерење на квалитетот на универзитетите и усвои методологија за скенирање на работата на високообразовните институции во Република Македонија. За ова се известени и сите приватни универзитети во земјата. Во рок определен од страна на МОН сите универзитети одговориja на барањата на Комисијата со пополнување на соодветната документација и формулари за овој процес.
Информираме дека сите претставници на четиринаесет приватни високообразовни институции во Република Македонија ja поздравија оваа иницијатива на МОН за подигање на квалитетот на високото образование во земјата и соработуваа на коректен начин.
По завршувањето на првата фаза (комплетирање на податоците од приватните институции во високото образование), Комисијата ги посети сите засегнати институции, и во соработка со нив, сега веќе е комплетирана целокупната документација.
Од извршената контрола констатирани се и нерегуларности, како технички така и суштински, кои, како такви, се очекува наскоро да се надминати.
Известуваме дека по завршувањето на овој процес, министерот за образование и наука, г-дин Абдилаќим Адеми, ќе се сретне со сите претставници на приватните високообразовни институции и ќе ја информира јавноста во врска со затекнатата состојба и надминување на евидентираните неправилности.
Истовремено МОН изготви и план за годишна редовна ревизија на јавните универзитети во земјата, со иста цел – унапредување на образовниот процес и надминување на евентуалните нерегуларности.
МОН оценува дека оваа е најреалистичкиот пристап за констатирање на состојбата во високото образование во земјата и создавање на реални политики, кои како такви ќе бидат во функција на високообразовните институции, но и за задоволување на потребите на пазарот на трудот .
Со почит,
Кабинетот на Министерот за образование и наука“.