Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека набавило и дистрибуирало до училиштата 10.000 таблети за учениците од четврто одделение од семејствата во социјален ризик, додавајќи дека досега се подигнати вкупно 3.000 таблети.
Со набавувањето на ваквата опрема, од МОН велат дека училиштата се подготвуваат за новата учебна година, со која започнува и имплементацијата на новата образовна Концепција за основно образование.
„Со новата Концепција се предвидува осовременување на образовниот процес, односно учениците од прво и четврто одделение ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, чија подготовка е во завршна фаза. Во наставата во четврто одделение, новина е што предност ќе се даде на дигиталните учебници, кои ќе бидат само една алатка повеќе за успешно совладување на материјалот. За таа цел, МОН обезбеди таблети кои се наменети за учениците од социјално ранливи семејства“, се вели во соопштението на МОН.
На овој начин, тие додаваат дека се овозможува еднаков пристап на сите ученици до користење на современи средства за учење, односно дека даваат можност при учење, учениците кои поради финансиски потешкотии не можеа да си го дозволат тоа порано, да користат мултимедија.
„Новите наставни програми треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците“, додаваат тие.
Инаку, имплементацијата на новата Концепција започнува етапно и е предвидено целосно да се воведе во деветолетката во следните 5-6 години.