МОН објави конкурс за стипендии за редовни студенти на додипломски студии

Mинистерството за образование и наука распиша конкурс за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија за студиската 2015/2016 година.

Министерството ќе додели стипендии за следните групи:

а) Прва група – 1.500 стипендии за студенти од социјални категории;
б) Втора група:
630 стипендии (590 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните универзитети и високообразовни установи и 40 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на приватните универзитети и високообразовни установи), за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, и тоа за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година од најмалку 8.50, а за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите да имаат постигнато најмалку 9,00 просечен успех;
125 стипендии (105 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните универзитети и високообразовни установи и 20 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на приватните универзитети и високообразовни установи), за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, и тоа за студенти запишани на студиски програми по информатика кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 9,00 просечен успех;
в) Трета група – 650 стипендии (620 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните универзитети и високообразовни установи и 30 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на приватните универзитети и високообразовни установи), за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 7,00 просечен успех.

I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКА СТИПЕНДИЈА

Право на стипендија имаат студентите запишани на додипломски студии од прв циклус кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија и кои ги исполнуваат следните услови:
1. да се редовни студенти;
2. да не повторувале година во текот на студирањето;
3. да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании;
4. да се државјани на Република Македонија.

Критериуми за доделување на стипендиите се:

а) Прва група – стипендии за студенти од социјални категории

1. Постигнат успех од претходните студиски години до тековната 2015/2016 година за сите студиски програми. По основ на овој критериум може да се добијат најмногу 20 бодови.
2. Студентите на техничките факултети и медицинските науки добиваат дополнителни 10 бодови.
3. За критериумот материјални можности на студентите и нивното потесно семејство, се земаат вкупните месечни примања по член на семејството на студентот (месечните нето плати и годишните приходи по разни основи прикажани во образецот од Управа за јавни приходи – приходи: од вршење на земјоделска дејност, од вршење на стопанска дејност, од вршење на самостојна дејност, од имот и имотни права, од авторски права и права на индустриска сопственост, од дивиденди, од остварени капитални добивки, од добивки од игри на среќа и други приходи). По основ на овој критериум се добива најмногу 60 бодови.
4. Дополнителни 10 бодови добиваат студенти деца на самохран родител, студенти деца на невработени родители, студенти деца без родители и родителска грижа, студенти деца со посебни потреби и студенти деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини за кои вкупните приходи во семејството се под нето минималната плата утврдена во Република Македонија.
5. Студентите кои немаат положено најмалку 80% од предвидените испити за претходните студиски години нема да бидат рангирани. За студенти кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи каде што вкупниот број на предвидени испити за една студиска година е помалку од 10 (десет) испити, за критериумот да имаат положено најмалку 80 % од предвидените испити ќе се земе критериумот да имаат положено само два испита помалку од вкупно предвидениот број на испити.
6. Документите на студентите, кои ќе освојат 0 бодови по основ на критериумот материјални можности (прикажани во точката 3 на оваа група), нема да се разгледуваат.

б) Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето

1. Постигнат успех од претходните студиски години до тековната 2015/2016 година за сите студиски програми. По основ на овој критериум може да се добијат најмногу 100 бодови.
2. Студентите кои немаат положено најмалку 90% од предвидените испити за претходните студиски години нема да бидат рангирани. За студенти кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи каде што вкупниот број на предвидени испити за една студиска година е помалку од 10 (десет) испити, за критериумот да имаат положено најмалку 90 % од предвидените испити ќе се земе критериумот да имаат положено само еден испит помалку од вкупно предвидениот број на испити.
3. Доколку не се пополни квотата со доволен број на студенти од јавните универзитети и високообразовни установи, комисијата може да ја пополни квотата со студенти, кои ги исполнуваат условите од приватните универзитети и високообразовни установи и обратно, доколку не се пополни квотата со доволен број на студенти од приватните универзитети и високообразовни установи, комисијата може да ја пополни квотата со студенти, кои ги исполнуваат условите од јавните универзитети и високообразовни установи.

в) Трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки

1. Постигнат успех од претходните студиски години до тековната 2015/2016 година. По основ на овој критериум може да се добијат најмногу 100 бодови.
2. Студентите кои немаат положено најмалку 80% од предвидените испити за претходните студиски години нема да бидат рангирани. За студенти кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи каде што вкупниот број на предвидени испити за една студиска година е помалку од 10 (десет) испити, за критериумот да имаат положено најмалку 80 % од предвидените испити ќе се земе критериумот да имаат положено само два испита помалку од вкупно предвидениот број на испити.
3. Доколку не се пополни квотата со доволен број на студенти од јавните универзитети и високообразовни установи, комисијата може да ја пополни квотата со студенти, кои ги исполнуваат условите од приватните универзитети и високообразовни установи и обратно, доколку не се пополни квотата со доволен број на студенти од приватните универзитети и високообразовни установи, комисијата може да ја пополни квотата со студенти, кои ги исполнуваат условите од јавните универзитети и високообразовни установи.

II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот, треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http://konkursi.mon.gov.mk почнувајќи од 17.11.2015 година до 27.11.2015 година.
Препорачливо е пред електронското пријавување, кандидатите да ги комплетираат потребни документи согласно стипендијата за која аплицираат, за да можат во електронската пријава да ги внесуваат точните податоци од документите .
За студентите кои се пријавиле повеќе пати, за валидна ќе се смета последната пријава.

ВИСИНА НА СТИПЕНДИИТЕ

Висината на стипендијата за Прва група – стипендии за студенти од социјални категории изнесува 3.300,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.
Висината на стипендијата за Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година на техничките факултети и медицинските науки од најмалку 8.50, а за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите да имаат постигнато од најмалку 9,00 просечен успех изнесува 4.400,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.
Висината на стипендијата за Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 9,00 на студиските програми по информатика изнесува 6.050,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.
Висината на стипендијата за Трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки изнесува 3.300,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Студентот кој конкурирал за два или повеќе групи на стипендии и ги исполнил условите за добивање, му се доделува стипендијата според приоритетот кој го направил во евидентниот лист.

Стипендијата се доделува за толку семестри за додипломски студии, колку што се предвидени со општиот акт на високообразовната установа, без апсолвентски стаж за студирање.

Сите информации за конкурсот се објавени на веб-страницата на министерството.