МОН објави конкурси за државни стипендии за постдипломски и докторски студии

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за доделување на стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи во Македонија за академската 2024/2025 година.

„Вкупно 50 стипендии за постдипломски и 20 стипендии за докторски студии ќе бидат доделени на македонски граѓани кои ќе се запишат на некоја од домашните високообразовни установи на програми од следните научни подрачја: природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) или на инженерство и технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент); хуманистички науки и општествени науки“, информираат од МОН.

Месечниот износ на стипендијата за постдипломски студии е 9 илјади денари, за 9 месеци во годината. Додека за докторски студии ќе се исплаќаат 18 илјади денари месечно, во текот на целата година.

Од оваа година, за стипендиите за постдипломски студии ќе може да аплицираат и студенти кои имаат завршено прв циклус на студии во траење од три години, односно 180 ЕКТС (кредити според Европски кредит трансфер систем). Новото раководство на Министерството за образование и наука го прифати барањето на студентските организации за отстранување на ова ограничување од изминатите години.

„Ги повикуваме заинтересираните кандидати да ги погледнат конкурсните услови и да аплицираат доколку истите ги исполнуваат. Потребните документи може да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука ул. ‘Св. Кирил и Методиј’ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во земјата) или електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk“, појаснуваат оттаму.

Рокот за аплицирање е до 1 ноември.