Министерството за образование и наука информира дека во тек се конкурсите за доделување на стипендии за граѓаните коишто во академската 2022/2023 година, ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области.
Поточно, ако се запишат на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, според последната објавена ранг листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.
Покрај ова, секој потенцијален кандидат треба да е државјанин на Република Северна Македонија, да не е корисник на стипендија од друг давател, да поседува доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата и да има постигнато одреден успех во текот на претходното образование (просечна оценка од 4,5 во текот на средното образование, доколку аплицира за стипендија за додипломски студии, односно 8,5 во текот на првиот или/и вториот циклус на студии доколку аплицира за стипендија за постдипломски, односно докторски студии).
„Износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и ги покрива трошоците за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, повратен авионски билет и месечен паричен надомест“, известуваат од МОН.
По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата имаат обврска да се вратат во Република Северна Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање.
Исто така, во тек е и конкурсот за доделување стипендии за додипломски студии од прв циклус во странство од областите на ликовната уметност, кинематографија, и филмска продукција, драмската уметност и музиката за академската 2022/2023 година.
Сите подетални информации за условите, критериумите, потребните документи и пропишаните обрасци за аплицирање, заинтересираните кандидати можат да ги обезбедат преку интернет страницата на Министерството за образование и наука, на следниот ЛИНК.
Крајниот рок за аплицирање е 15 септември 2022 година.