Министерството за образование и наука вчера го објави тендерот за реконструкција на блоковите В и Г од студентскиот дом Гоце Делчев во Тафталиџе. Под реконструкција се подразбира замена на прозорците, подовите, вратите, плочките и електричната инсталација во блоковите В и Г од најголемиот студентски дом во Македонија. Вредноста на проектот се проценуван а 152 милиони денари. Рокот за пријавување на тендерот трае до 15-ти февруари.
За реконструкцијата веќе е изготвена целокупната техничка документација, а во моментов веќе се работи на реконструкција на блокот А. Работите ги изведува компанијата „НБ Компани“ од Тетово. Претходно, реконструиран беше и блокот Б, па така ова претставува заокружување на проектот за комплетно реновирање на најголемиот студенски дом во државата. Покрај капацитетите за сместување, од МОН информираат дека реконструирана ќе биде и мензата и партерното уредување околу зградите.
Четирите објекти кои го формираат студенткиот дом „Гоце Делчев“ се градени во 70-тите години на минатиот век, по проект на архитектот Георги Константиновски. За ова дело авторот има добиено награда „Борбина плакета“ доделена водечкиот весник во тогашна Југославија „Борба“. Вкупниот капацитет на објектот е 544 двокреветни соби, 64 еднокреветни и 54 соби за студенти во брак.